Како да управувате со вашите податоци

Тука ќе најдете неколку совети како да заштедите пари со пакетот за домашен и мобилен интернет и на кои начини можете да одбегнете дополнителни трошоци.

Како да следите колку податоци користите

Кога знаете колку податоци користите секој месец, тогаш можете да го приспособите вашиот пакет за податоци и можеби да заштедите. На пример, ако сте купиле голем пакет, но гледате дека користите малку податоци, може да преминете на поевтин пакет со помалку податоци.

Можете да видите колку податоци сте користеле секој месец ако ја користите алатката на вашиот давател на услуги за интернет.

  • Пакетите за домашен интернет обично нудат специјална интернет-локација што ја посетувате за да следите колку податоци сте искористиле.
  • Мобилните телефони може да инсталираат специјална апликација за да ги следите податоците и да добивате предупредувања кога се доближувате до лимитот на податоците што ви стојат на располагање Голем број даватели на телефонски услуги однапред ја инсталираат таа апликација во вашиот телефон.
  • Тие алатки не го покажуваат прецизното трошење на податоци од минута до минута. Резултатите може да доцнат еден ден, па може да не се 100% точни.
Илустрација од различни пакети податоци.

Како можам да го префрлам мојот мобилен телефон од мобилни податоци на Wi-Fi мрежа?

Користењето на функцијата за Wi-Fi на мобилниот телефон значи дека нема да ги трошите мобилните податоци. Тоа значи дека интернет-прегледувањето или другите активности што ги вршите на мобилниот телефон нема да се одбиваат од месечниот пакет податоци за мобилниот телефон.

За да ја користите функцијата Wi-Fi на вашиот телефон:

  • активирајте ја домашната Wi-Fi во поставките на телефонот
  • изберете ја домашната Wi-Fi мрежа и внесете ја лозинката (таа обично се наоѓа на долната страна на рутерот или на специјалната картичка што ви ја дава давателот на услуги за интернет)
  • така, секојпат кога ќе доаѓате дома, телефонот ќе се поврзува автоматски на Wi-Fi мрежата.

Што ќе се случи ако користам премногу податоци?

Пакетите за домашен или мобилен интернет обезбедуваат одредено месечно количество податоци, но некои пакети за домашен интернет може да нудат неограничени податоци. Колку поголем е месечниот пакет податоци, или колку е поголема брзината на испорака, пакетот е толку поскап.

Казната за користење повеќе податоци од пакетот податоци што го имате се разликува во зависност од давателот на услуги, и исто така, дали се работи за сметка за мобилни податоци или домашен интернет. Ако користите премногу податоци од домашниот пакет за интернет, тоа може да има како резултат:

  • пониска брзина на поврзување, што значи дека нема да можете да репродуцирате видеозаписи и страниците од интернет ќе се појавуваат бавно на вашиот уред
  • вообичаената брзина на интернетот ќе се врати кога циклусот на наплата ќе се ресетира.

Ако користите премногу податоци од мобилниот пакет за интернет, тоа може да има како резултат:

  • кај претходно платени (pre-paid) пакети податоци – нема да имате мобилен интернет сѐ додека не купите повеќе податоци
  • кај отпосле платени (post-paid) пакети податоци – најверојатно треба да платите за дополнителните податоци што сте ги искористиле. Износот може да биде неколку долари, или да биде многу голем - тоа зависи од вашиот давател на услуги.

Како можам да заштедам пари?

Бидејќи мобилниот телефон може да користи и Wi-Fi и мобилни податоци, можете да го искористите тоа за да ги ограничите трошоците за мобилни податоци.

  • Ако повеќето време го минувате дома, а вашиот телефон е поврзан на Wi-Fi, тогаш ќе ви треба само многу мал пакет за мобилни податоци.
  • Ако сте секогаш надвор, можете да го контролирате трошењето на податоци со помош на една специјална програма наречена апликација. Кај некои телефони таа апликација е веќе инсталирана, но штом ќе купите пакет, можете да преземете таков вид апликација од интернет.
  • Одбегнувајте активности што трошат многу податоци, како што е поставување фотографии на интернет или гледање филмови кога сте надвор од домот. Правете го тоа дома, кога вашиот телефон е повторно поврзан на Wi-Fi мрежа.
  • Еден голем пакет за домашен интернет заедно со мал пакет мобилни податоци вообичаено се поевтини од голем пакет мобилни податоци.

Список за проверка за штедење податоци

Има многу работи што треба да ги помнете ако сакате да заштедите пари за податоци. Еве еден краток преглед:

  • мобилните податоци се поскапи од пакетот за домашен интернет, па затоа префрлајте ги мобилните уреди на Wi-Fi кога сте дома, а користете ги мобилните податоци само кога сте надвор.
  • Следете ги податоците за да одбегнете да го надминувате пакетот и за да решите каков пакет за податоци всушност ви треба.
  • Преминувањето на поскап пакет обично е бесплатно.
  • Кога се префрлате на поевтин пакет податоци, тоа вообичаено вклучува плаќање казна, освен кога се работи за претходно платен пакет.
  • Исто така, можете да користите бесплатна Wi-Fi мрежа кога се наоѓате во библиотека, кафиња или трговски центри кога сте надвор од домот. Јавните Wi-Fi мрежи се помалку безбедни од домашната Wi-Fi мрежа, па не користете ништо лично или нешто што ги бара вашите лични податоци или лозинки.